Милошоски и Филков во кавга – Мицкоски вели дека двајцата имале лош ден

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Кавга, остри префрлања и јавни препукувања во редовите на владината коалиција. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски во интервју на Телма со отворени критики кон министерот за правда Игор Филков кој е од редовите на ЗНАМ рече дека тој има слаб капацитет за справување со реформите во правосудството.

-Ова е мој личен став, не значи дека е став на политичката партија или пратеничката група, јас сметам дека министерот за правда има слаби перформанси по однос на обврските што ги има преземено за реформите во правосудството. Тоа е мое мислење, изјави Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Ваквата изјава на Милошоски предизвика жестока реакција на министерот Филков. Тој преку соопштение го нарече Милошоски кусурот на Груевски, дека придонел во, како што наведе, креирањето на канцерогениот правосуден систем, а му наброја и некои афери.

-Кусурот на Груевски познат под прекарот „Џуџето од Небрегово“, а јавноста добро го памети по аферите поврзани со АМСМ и семејните бизниси од Кичево изгледа дека се уште нема навика да одговара пред граѓаните кои го избрале. Сега е добар момент да се потсети јавноста дека токму тој директно учествуваше во процесот на донесување на штетните измени на Кривичниот закон во 2023 со што се спаси од одговорност за кривичното дело „Моќник“, вели Игор Филков, министер за правда.

Премиерот Мицкоски во обид да ја смири вжештената атмосфера, вели дека и двајцата имале лош ден.

-Она што можев да го заклучам а убеден сум дека сето ова ќе застане на овие два лични ставови е дека секој има право на лош ден, па така да, јас мислам дека тој лош ден и за едниот и за другиот завршува, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Но покрај со ваквите јавни препукувања меѓу Милошоски и Филков, Мицкоски се соочува и со силен потрес кај владиниот партнер, коалицијата ВРЕДИ. Иако Мицкоски вели дека Владата е стабилна последниот период се појасно излегува на виделина дека има сериозни несогласувања меѓу министерот за здравство Арбен Таравари со другите коалициски лидери.

-Ако Таравари тврди дека ВЛЕН нема моќ, тогаш зошто неговите функционери прифатија функции? Ова покажува контрадикторен став кој треба да го разјаснат тој и неговите луѓе, а не ВЛЕН, изјави Блерим Сејдиу, потпретседател на БЕСА.

Министерот Таравари деновиве изјави дека е во комуникација со ДУИ, додека другите лидери негираат дека се во контакт со партијата на Ахмети. Таравари рече дека на 6 април партиските органи ќе ја донесат одлуката дали за локалните избори остануваат во коалицијата ВРЕДИ или ќе настапат сами.