Милошоски: „Заев да поднесе кривични пријави доколку познава амбасадори кои имаат двојно државјанство“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ вели дека не ги поддржуваат измените на Законот за надворешни работи, но денеска премиерот Зоран Заев истакна дека за време на Владата на ВМРО-ДПМНЕ и кога министер бил Милошоски имало амбасадори кои имале двојно државјанство.

„Ако господинот Заев има такви сознанија или некој амбасадор дал лажна изјава дека немал двојно државјанство, а имал, а тоа господинот Заев го знае или пак некој направил друг незаконски престап без разлика дали бил министер или бил нешто друго во Владата наместо на прес конференција треба да поднесе кривични пријави и да каже дека тој и тој амбасадор лажно изјавил дека нема двојно државјанство, но Заев знае дека имал и да го даде во обвинителство. Доколку нема такви информации или нема такви пријави ќе испадне дека ова на господинот Заев е само еден ПР за релативизирање на грешката која ја прават“, изјави Антонио Милошоски во емисијата „10 минути“ на ТВ21.

Да не се прават промени во актуелниот закон за надворешни работи, смета Антонио Милошоски пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

„По однос на законот за надворешни работи веќе е утврдено дека амбасадор може да биде лице кое што е државјанин само на Република Македонија и нема двојно државјанство и ние сметаме дека овој став, оваа одредба е правилна и не треба да се менува, бидејќи државјанството значи и права и обврски кон одредена држава“, вели Антонио Милошоски во емисијата „10 минути“ на ТВ21.

Тој додава дека доколку некој амбасадор има двојно државјанство, тоа би значело и хендикеп бидејќи истиот не би имал можност за поседување на безбедносен сертификат.

„Доколку имате двојно државјанство тоа може некогаш да значи и двојна лојалност што во дипломатијата како сензитивен сектор и професија исто како и безбедносните служби не е предност туку може да биде хендикеп. Втората работа е поврзана со законот за класифицирани информации каде што е запишано дека на амбасадорот може да му се даде безбедносен сертификат од највисок ранг, државна тајна доколку е државјанин само на Република Македонија. Ако има двојно државјанство, амбасадорот нема да може да има безбедносен сертификат за државна тајна, што значи дека утре ако имаме таков амбасадор во Варшава, Берлин, Њујорк, Вашингтон во Пекинг, тој ќе биде хендикепиран амбасадор и нема да може да ги исполнува сите надлежности, да ги прима сите информации од матичната држава кои што се државна тајна ниту пак од земјата домаќин, а се важни за Македонија“, додава Милошоски во емисијата „10 минути“ на ТВ21.