Процентите на застапеност според Балансерот се менуваат во кој се зема само резидентно население и со тоа ќе има корекции на застапеноста на етничките заедници во институциите на јавниот сектор. Ова ќе се разликува од пресметката што ја направи претходниот министер Адмирим Алити во кој беше опфатена и дијаспората. Министерот за јавна администрација Горан Минчев рече дека досега Законот за вработените во јавниот сектор не се почитувал бидејќи во пресметките била опфатена и дијаспората. Според тоа застапеноста на Македонците од 54,21% сега се зголемува на 58,44%, Албанците од 29,52% на 24,30%, Турците од 3,98% на 3,86%, Роми од 2,34% на 2,53%, Срби од 1,18% на 1,30%, Власи од 0,44 на 0,47 и Бошњаци остануваат на 0,87%. Но, како ќе се усогласува доколку во некои институции има поголема застапеност од предвиденото, Минчев рече дека нема да има отпуштања.
„Тие се во редовен работен однос, секако дека ќе останат на работа, меѓутоа нужно е да укажеме дека во минатото Балансерот бил злоупотребуван и токму оваа постапка која што ја правиме за враќање на годишните планови за вработување и укажувањата кои што ги даваме до институциите во јавниот сектор кои што доставиле вакви планови е спречување на повторно таква злоупотреба на Балансерот“, вели Горан Минчев.
Минчев наведе и дека во Министерството биле пристигнати 120 годишни планови за вработување на институциите, но од нив само 5 биле прифатени, додека другите се вратени за корекција на пресметките на застапеноста. Тој рече дека во многу институции имало злоупотреба на Балансерот а како пример ја наведе состојбата во самото Министерство што тој го раководи.
„Во моментов од стопроцентната вработеност од 43 до 45 проценти се вработени од етничките заедници што значи Балансерот е злоупотребен и во ова ново Министерство за јавна администрација. Тоа е предмет на ревизија, досегашните информации и анализи кои што ги имаме во Министерството за јавна администрација укажуваат дека од стопроцентната вработеност околу 18-19 проценти го имаат злоупотребено“, вели Горан Минчев.
Околу најавите дека Балансерот ќе биде заменет со закон, Минчев истакна дека до крајот на месецов ќе се отвори јавна дебата, за како што рече, да бидат направени солидни и применливи закони.
