Создавањето професионална, ефикасна и отчетна јавна администрација останува еден од клучните приоритети на Владата, порача министерот за јавна администрација Горан Минчев на одбележувањето на Денот на јавната администрација.
Годинашниот настан се одржа под мотото „Доверба, интегритет и резултати: темели на модерна и европска јавна администрација“, а покрај министерот Минчев, свои обраќања имаа и премиерот Христијан Мицкоски и шефот за соработка на Делегацијата на Европската Унија, Штефен Худолин.
Во своето обраќање, Минчев истакна дека реформите во јавната администрација не се само дел од европската агенда, туку и предуслов за изградба на функционални институции кои ќе одговорат на потребите на граѓаните.
Тој посочи дека во изминатиот период биле преземени конкретни чекори за модернизација на системот, меѓу кои новата законска рамка за административните службеници, формирањето на Советот за реформа на јавната администрација и подготовките за воспоставување Академија за јавна администрација.
Министерот нагласи дека значаен дел од реформите се насочени кон подобрување на статусот на вработените во јавниот сектор. Според него, со потпишаните колективни договори за повеќе од 11.000 вработени е предвидено зголемување на платите од 40 проценти во следните три години, како и подобрување на условите за работа.
„Не можеме да бараме професионализам без да вложуваме во луѓето кои секојдневно ги одржуваат институциите функционални“, порача Минчев.
Тој најави дека во наредниот период фокусот ќе биде ставен на дополнително зајакнување на професионализмот и интегритетот преку нови законски решенија, меѓу кои Законот за високи раководители и Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Во рамки на свеченоста беа доделени и признанија за управување со квалитет во јавниот сектор. Првата награда ја доби Министерството за дигитална трансформација, второто место ѝ припадна на Агенцијата за храна и ветеринарство, додека третото место го освои Институтот за акредитација.
По повод Денот на јавната администрација, Министерството упати честитки до сите административни службеници, истакнувајќи ја нивната улога во обезбедувањето квалитетни услуги за граѓаните и во унапредувањето на институционалниот систем.
