Иста средба, две различни верзии за што се разговарало. За работодавачите, на средата на Економско социјалниот совет не се разговарало за минимална плата од 450 евра. За Сојузот на синдикатите на Македонија и ова прашање било тема на разговор.
„Денеска за минималната плата разговаравме исто толку колку што разговаравме и за платите на вработените во јавниот сектор, ние, барем од Сојузот на синдикатите на Македонија. Ќе треба да ги прашате другите синдикати кои не побараа ништо за работниците“, вели Слободан Трендафилов.
„Единствена точка за разговор беше буџетот. Под точката разно дискутиравме за многу различни теми. Конкретно дискусијата на синдикатот беше со министерката за финансии во делот на јавната администрација, односно платите на вработените во јавната администрација… “, вели Владанка Трајкоска.
Премиерот Христијан Мицкоски додека бил на средбата на Советот вели дека минималецот не бил тема, но дека не знае дали ќе се разговарало за него. Но, додаде дека што и да се договорат, за Владата е прифатливо бидејќи минималец од 450 евра значи и повеќе средства во буџетот. Но, не одговори дали со тоа не се отвора спирала со која постојано ќе се зголемуваат платите и издатоците од буџетот. Инаку, разговарано не разговарано, Синдикатот и Организацијата на работодавачи на сосема непомирливи позиции.
„Знаете дека ние имаме став дека паушално зголемување на минималната плата не води кон напредок и раст на економијата во една држава. Имаме Закон за минимална плата, ние го почитуваме Законот, работиме институционално.“, вели Владанка Трајкоска
„Да им се случи тоа на работодавачите што ни се случува на нас работниците. Не можеме ние веќе да издржиме да живееме за такви мизерни плати кои ги даваат работодавачите во приватниот сектор. Тие можат да кажуваат, да даваат изјави дали треба да се зголемат платите, дали не треба да се зголемат платите, меѓутоа да внимаваат следниот пат кога ќе кажуваат дека нема работна сила во Македонија. Најголеми виновници за иселување на квалификуваните работници се токму тие.“, вели Слободан Трендафилов.
Трендафилов вели дека на состанокот се потврдило дека огромен дел од работодавачите даваат плати во плико, а тоа се гледа од тоа што има 691.000 вработени, а плати преку МПИН на УЈП се исплаќаат само на 540.000 работници.
Трендафилов вели дека е добро што во буџетот за 2025 година за првпат се одвоени високи 13,8 отсто повеќе пари за исплата на плати и тој се надева дека овие пари ќе се распоредат според коефициентите за сложеност на работно место.
