Шасивари: Криминалот не смее да се исплати, владеењето на правото и борбата против корупцијата се основа за демократска стабилност

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за правда, Јетон Шасивари, од Министерскиот форум ЕУ – Западен Балкан за правда и внатрешни работи во Будва, порача дека борбата против корупцијата мора да донесе конкретни резултати, одговорност за високата корупција и ефикасна конфискација на незаконски стекнатиот имот.

Тој нагласи дека владеењето на правото и борбата против корупцијата се основа за демократска стабилност и доверба во институциите, фокусирајќи се на предметите од висока корупција, чиј исход, според Шасивари, претставува вистински тест за ефикасноста и независноста на правосудниот систем.

„Особено внимание посветуваме на ефикасното постапување по предметите од висока корупција, како еден од клучните показатели за ефективноста на правосудниот систем и неговата способност да обезбеди одговорност без оглед на позицијата или влијанието на сторителите“, потенцираше Шасивари.

Осврнувајќи се на законодавните реформи, министерот за правда посочи дека се подготвени нов Кривичен законик и нов Закон за кривична постапка, кои предвидуваат построги санкции за коруптивните кривични дела и поефикасни механизми за конфискација на имотот и имотната корист. „Нашата цел е јасна – криминалот не смее да се исплати, а незаконски стекнатиот имот не смее да остане во рацете на сторителите“, порача министерот.

Шасивари претстави и подготвените измени во други закони, кои предвидуваат зајакнување на контролата на имотната состојба, спречување на судирот на интереси и поголема институционална одговорност. Тој се осврна и на активностите за зајакнување на интегритетот во правосудството што се спроведуваат во соработка со ОБСЕ, на унапредувањето на механизмите за дисциплинска одговорност и професионално постапување, посочувајќи дека шестиот евалуациски круг на ГРЕКО претставува дополнителна можност за проценка и подобрување на антикорупциските механизми.

За меѓународната соработка, Шасивари рече дека сузбивањето на корупцијата бара заедничко дејствување, размена на информации и поефикасна соработка со европските институции, вклучително и со ЕВРОПРАВДА. Тој ја поздрави и новата антикорупциска стратегија на ЕУ, истакнувајќи ја важноста на поддршката од Европската комисија за спроведувањето на реформите.