Министерот за односи меѓу заедниците, Агон Ферати, на брифинг со новинарите ја претстави состојбата во која ја затекнал институцијата по преземањето на функцијата, најавувајќи реформи во работењето на Министерството и нов пристап во распределбата на ресурсите и грантовите.
Ферати изјави дека Министерството, со кое претходно раководеле Артан Груби, а потоа Иван Стоилковиќ, со години се соочувало со недостиг од стратешка насока, основни услови за работа и внатрешна кохезија.
Според него, од вкупно 139 вработени во Министерството, околу 30 проценти немале соодветни услови за извршување на своите работни задачи поради недостиг на основна опрема, како што се компјутери, работни маси и соодветен работен простор.
„Затекнавме институција во која човечките ресурси не биле искористени на соодветен начин, а поединци блиски до политичките кабинети имале поголемо влијание од самата институционална структура“, рече Ферати.
Тој истакна дека веднаш по преземањето на функцијата започнал процес за подобрување на внатрешната кохезија, преку состаноци со раководителите на секторите и експерти, со цел да се изнајдат решенија за поефикасно функционирање на Министерството.
Според Ферати, еден од најголемите проблеми е недостигот од стратешки документи.
„Од формирањето на Министерството досега постојат само два стратешки документи. Тоа покажува дека институцијата немала јасна насока и долгорочна стратегија“, изјави министерот.
Тој најави формирање на два нови сектори – Сектор за стратешки партнерства, кој ќе биде задолжен за меѓународната соработка и европските фондови, како и Сектор за анализи и истражувања.
Ферати се осврна и на распределбата на грантовите, обвинувајќи дека во изминатиот период средствата не биле распределувани рамноправно.
Според него, од 36 доделени грантови, 29 биле наменети за српската заедница и здруженија, претежно за организирање културни активности, а еден од грантовите изнесувал 500.000 денари.
„Ова се државни пари и следната година приоритет ќе биде нивна поправедна и попропорционална распределба“, рече Ферати.
Говорејќи за својата визија, министерот повика на поголема соработка со медиумите, нагласувајќи ја нивната улога во зачувувањето на општествената стабилност и кохезија.
Како пример ги посочи тензиите што се создаваат за време на спортските натпревари, при што, според него, навредите од стадионите често се пренесуваат на социјалните мрежи, а потоа се рефлектираат и во политичките институции.
„Не можеме да им наложуваме на медиумите што да објавуваат, но телевизиите имаат многу важна улога во пораките што ги испраќаат до општеството“, истакна Ферати.
Тој оцени дека една од причините за незадоволството меѓу заедниците е и начинот на распределба на инвестициите и јавната поддршка, сугерирајќи дека и во спортот треба да се применува поизбалансиран пристап.
„Ако капиталните инвестиции се распределуваат пропорционално меѓу општините, можеби таква логика треба да се применува и во други области, вклучително и во спортот, за да се намалат тензиите и поделбите“, заклучи министерот Ферати.
