Македонија внимателно ја следи состојбата со енергетските ресурси во регионот и Европа, но домашниот електроенергетски систем во моментов останува стабилен и подготвен за снабдување на граѓаните и стопанството.
Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информираат дека состојбата со акумулациите е стабилна, со вкупна исполнетост од околу 70 проценти, што овозможува сигурно управување со хидропотенцијалот.
Заедно со АД ЕСМ, АД МЕПСО и другите надлежни институции, Министерството континуирано ги следи хидролошките показатели, резервите и прогнозите, со цел навремено реагирање доколку има промени во условите.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во мај годинава во земјава биле произведени 462.653 MWh електрична енергија, со што се покриени 96,5 проценти од домашната потрошувачка.
Од АД ЕСМ дополнително информираат дека производството од хидроелектраните е зголемено за 76 проценти во однос на истиот период минатата година, а раст е забележан и кај ветерните електрани.
Министерството посочува дека стабилноста на системот се зајакнува и преку инвестиции во обновливи извори на енергија, складирање електрична енергија и модернизација на инфраструктурата. Во тек е проширувањето на ветерниот парк „Богданци“, како и подготовките за нови фотонапонски електрани во Битола и Осломеј.
Паралелно се реализираат и проекти за енергетско поврзување со регионот, меѓу кои гасниот интерконектор со Грција и подготовките за интерконектор со Србија, со цел поголема диверзификација и сигурност во снабдувањето.
Од Министерството уверуваат дека ќе продолжат внимателно да ја следат состојбата и навремено ќе ја информираат јавноста, со цел обезбедување стабилно и сигурно снабдување со електрична енергија.
