Се преземаат сите потребни чекори за комплетирање на документацијата и нејзино соодветно процесирање во рамките на законската процедура. Ова го тврдат од Министерството за правда во однос на преземените мерки за поднесување целосна документација за екстрадиција на Никола Груевски во кое нагласуваат дека постапуваат исклучиво согласно законите и меѓународните договори.
-Собирањето информации од надлежните судови има за цел да обезбеди целосна и точна правна основа за понатамошно постапување. Министерството нема надлежност да ги преиспитува правосилните судски одлуки, туку е должно да постапува по нив. Воедно нагласуваме дека сите постапки се водат низ институционален процес и во соработка со надлежните органи на Унгарија, без влијание на политички изјави или квалификации, велат од министерство за правда.
Ваквиот став од Правда доаѓа откако вчера Груевски преку социјалните мрежи упати критики до министерот Игор Филков дека наместо него треба да го гони екс премиерот Зоран Заев, за кој рече дека спроведувал неправедни постапки за негов политички прогон.
-Го слушнав излагањето на министерот за правда како ревносно собирал информации од судовите и како ја чекал новата власт во Унгарија за да започне постапка за екстрадиција. Му предлагам на министерот исто толку ревносно да ги истражи злоупотребите и незаконските постапки при политичкиот прогон во години на Заев, монтираните судски постапки и неправдите што ги направи за да може полесно да владее, изјави Никола Груевски.
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека ќе бидат запазени сите правни процедури и дека законите ќе важат за сите, а додаде и дека по составувањето на новата влада во Унгарија ќе имаат и директни контакти.
-Си има правна процедура и се разбира дека сите правни процедури ќе бидат застапени што значи дека нема двојни принципи и апсолутно секој оној кој што верува во владеењето на правото ќе го поддржи ова однесување на Владата а секој оној кој што е соочен пред правосудните органи има свои права согласно законите и Уставот и тие права му се на располагање, рече премиерот Мицкоски.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче очекува власта да ја спроведе екстрадицијата.
-Јас очекувам како секоја сериозна држава, за жал ваква власт не може да биде сериозна и да води сериозна држава и тоа секојдневно го гледаме, тоа граѓаните го чувствуваат да постапи така како што треба, да побара екстрадиција посебно по најавата на новиот унгарски премиер дека бегалци криминалци нема да чува во земјата што е пример како се враќа демократија во земјата, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Прашањето за екстрадицијата на Груевски започна откако новиот премиер на Унгарија Петар Маѓар најави дека земјата нема да биде засолниште на криминалци, притоа споменувајќи го и името на Груевски.
