Министерството за здравство формира здравствен совет – Алиу: Нема повеќе да дојде до тоа пациентите да се жалат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерството за здравство го формираше Здравствениот совет, по последните жалби низ клиниките. Овој совет ќе се грижи здравствениот систем да добие професионална и научна поддршка. На првата конститутивна седница министерот Азир Алиу изјави дека овој орган ќе им претходи на решавањата на проблемите во здравствениот систем.

„Целта е Здравствениот совет да ги анализира континуирано прашањата во областа на здравството, да даде професионален придонес во подготовката на предлог-законите и подзаконските акти, како и професионални мислења и предлози во различни области кои се дел од активностите на Министерството. Денешната дискусија беше почетна, за некои различни аспекти кои во наредниот период советот ќе ги анализира подетално. Убеден сум дека ќе имаме успешна и плодна соработка.“, порача Азир Алиу.

Здравствениот совет, како советодавно тело на министерот за здравство, според Законот за здравствена заштита, се состои од девет членови – истакнати професори, доктори на науки од различни области, од кои некои се и меѓународно познати експерти со богати биографии и научни трудови. За претседателка на советот е избрана Марија Срцева, која информира дека денес е направен акционен план за работа.

„Денес се одржа првата конститутивна седница на Здравствениот совет на Министерството, каде што се разгледаа актуелните проблеми кои се однесуваат на долгорочниот, среднорочниот и краткорочниот план, кои мора задолжително да се решат и задолжително да се дадат совети како да се решат. Се направи акционен план врз основа на кој Советот ќе работи во одредени периоди, давање совети до Министерството за законските и подзаконските акти за спроведување и одобрување на условите кои се однесуваат на подобрување на третманот на пациентите и на вработените и лекарите.“, вели Марија Срцева.

Заедно со Срцева, членови на Здравствениот совет се докторите: Сашко Кедев, Азис Положани, Виктор Камнар, Светозар Антовиќ, Игор Кафтанџиев, Фадил Цана, Злате Мехмедовиќ и Илир Вела.