Министерството за здравство, испрати демант до ТВ21 за објавениот прилог со наслов „Серолошки тестови за Ковид-19 во Македонија, ќе може да се открие дали сте го имале вирусот, а сте немале симптоми“ објавен во текот на денешниот ден.
Иако во објавениот текст, во кој се презентирани и докази никаде не е наведено дека Министерството за здравство има, или пак ќе набави серолошки тестови, сепак тоа тие го демантираат. Демантираат и дека Министерството за Здравство не воведува серолошко тестирање, но ниту ова не е наведено во објавениот текст.

Од Министерството за здравство испратија експресно демант до нашата редакција, но сѐ уште не одговорија на прашањата испратени утрово по маил и повиците токму на оваа тема, иако на крајот во испратениот демант наведуват дека треба да биде објавен во целот поради транспарентност и точно информирање на јавноста.

Во продолжение во целост го пренесуваме демантот испратен од страна на Министерството за здравство:
Почитувани,
Министерството за здравство ги демантира дезинформациите изнесени на порталот „ТВ21“ поврзани со наводно воведување на серолошки тестови за коронавирус.
Во врска со изнесените невистини, го потенцираме следново:
– Министерството за здравство НЕМА набавено серолошки тестови за коронавирус.
– Министерството за здравство НЕ воведува серолошко тестирање.
– Институтот за јавно здравје користи искучиво PCR тестови и располага со доволна количина на тестови за детекција на САРС-КоВ-2 за тестирање на населението.
– Од следната недела почнува скрининг тестирање за коронавирус во нашата земја. Направен е план за скрининг на лица за кои се смета дека се во критични категории и истиот ќе се прави со ПСР тестови, односно со земање на брис.
Во интерес на точно и транспарентно информирање на јавноста, Министерството за здравство бара од порталот „ТВ21“ да го објави овој демант во целост.
ДеМАНТ ИСПРАТЕН ОД СТРАНА НА МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО ДО ТВ21
И по испратениот демант до ТВ21, се обидовме повторно да стапиме во контакт со портпаролката на Министерството за здравство, но и вечерва како и во текот на денот не успеавме во тоа.
ТВ21 во продолжение го објавува целосно документот каде што се наведени сите информации во врска со почетокот на серолошки тестови во државата, како и спроведената јавна набавка.







