Министре како ви изгледа цената на лебот? – Бектеши вети олеснителен пакет за граѓаните

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за економија, Крешник Бектеши излезе на терен за одблиску да види дали се плаќаат повеќе тие што работат во недела согласно законот „Недела – неработен ден“. Тоа го направи во еден трговски центар во Скопје, на кои со закон им е дозволено да работат и во недела.

Откако посети неколку продавници, влезе и во еден супермаркет.

Откако помина крај рафтовите за леб, производ за кој пред неколку дена објави фискална сметка дека лебот е 25 денари, ТВ21 го праша како му изгледа цената на лебот сега?

НОВИНАР: Министре, како ви изгледа цената на лебот?

Одговор не добивме од министерот но во овој маркет не најдовме леб од 25 денари.

По увидот, каде се констатираше дека се почитува законот, Бектеши изјави дека ќе има покачување на цената на прехранбените производи и на нафтените деривати, но рече дека Министерството за економија не ги одредува цените и дека не знае какви цени ќе имаме. Со цел зголемувањето на цените да не биде на  штета на граѓаните, министерот вети пакет со олеснителни мерки.

„Што се донесува до брашното, во текот на вчерашниот ден имавме средба со Министерот за финансии и во вторник или среда ќе ги известиме граѓаните за додатните мерки. Што се однесува до прехранбените производи и олеснителните мерки кои ќе ги усвои Владата, како што направивме со зголемувањето на пензиите, минималната плата и зголемување на просечната плата“, истакна Крешник Бектеши.

Утре се очекува Регулаторна комисија да ги соопшти цените на нафтените деривати. Бектеши вети дека нашата земја ќе има најниски цени на деривати во регионот.

„Цената ја одредува Регулаторна комисија, јас можам да ги уверам граѓаните дека Северна Македонија како што беше лидер во регионот и овој пат ќе има пониски цени за разлика од соседните држави“, додава Крешник Бектеши.

Бектеши изјави дека не забележал празни рафтови. Додава дека доколку граѓаните забележат такво нешто во другите продавници, да пријават на  191 бидејќи освен Државниот пазарен инспекторат, на терен е и УЈП И Финансиска полиција.