Мисајловски: Во НАТО ние секогаш го отвораме прашањето за Западен Балкан

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Северна Македонија постојано го отвора прашањето за стабилноста на Западен Балкан во рамки на НАТО, со цел регионот да остане безбеден и стабилен, изјави министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во гостување во емисијата Click Plus на ТВ21, Мисајловски истакна дека македонските претставници на секој состанок во Алијансата ја покренуваат темата за состојбите во регионот.

„Она што ние како држава го правиме е постојано да го отвораме прашањето за Западен Балкан во НАТО. Секогаш кога имам можност, на состаноците разговараме за тоа што се случува во регионот“, изјави Мисајловски.

Тој најави дека и на следниот министерски состанок на НАТО, кој ќе се одржи во јуни, повторно ќе ја отвори темата за регионалната стабилност.

„Голем дел од разговорите на тие состаноци се класифицирани и не можам да навлегувам во детали, но суштината е дека стабилноста на регионот е исклучително важна“, посочи министерот.

Според него, фокусот на НАТО останува Западен Балкан да биде мирен и безбеден регион, а во таа насока се разгледува и присуството на меѓународни сили и ангажманот на сојузничките армии.

Мисајловски нагласи дека како членка на Алијансата, Северна Македонија има обврска активно да придонесува за намалување на тензиите.

„Ние како земја членка секогаш треба да го отвораме ова прашање за да се подигне свесноста. Доколку сите зборуваме рационално и не подгреваме тензии, тоа е добро за целиот регион“, рече тој.

Министерот додаде дека сите потенцијални безбедносни прашања се разгледуваат заеднички со сојузниците, со кои Северна Македонија редовно споделува информации и анализи.