Повторно отворени двете затворени паралелки во гимназијата „Дрита“ во Кичево, 139 запишани во прва година

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во гимназијата „Дрита“ во Кичево, на почетокот на учебната година беа затворени две паралелки, што предизвика реакции во јавноста. Сепак, повеќе од еден месец по почетокот на учебната година, паралелките се отворени повторно.

„Имаме осум паралелки, а еве го и решението што го добивме од Министерството за образование“, изјави директорката на гимназијата, Сиарта Спахиу.

Спахиу вели дека биле исполнети условите за постоење на овие паралелки и дека имало доволно ученици за тие да не бидат затворени, поради што инсистирале повторно да се отворат.

„Бидејќи оваа година ги имавме условите и можностите, навистина ми беше жал да се затвори некоја паралелка кога постојат услови за нејзино функционирање. Во прва година имаме 139 ученици, кои ги распределивме во паралелки со по 17 до 20 ученици, додека фармацевтската струка има 27 ученици. Таму го имаме најголемиот број ученици“, изјави Спахиу.

Гимназијата „Дрита“ моментално има осум паралелки, од кои четири се стручни образовни насоки, а четири се за општо гимназиско образование. Во прва година се запишани 139 ученици, а во последниот период се реализирани и неколку инвестиции со помош на донации.

Инаку, гимназијата работи со блокирана трансакциска сметка поради натрупани долгови. Општината досега покрила 40 отсто од долгот, а останува да се исплатат и преостанатите 60 отсто.