„Ролингстонси“ повторно се во студио, откри саксофонистот Кортни Пајн. Џез-музичарот откри дека снимал со Мик Џегер пред само неколку недели, само три месеци откако „Ролингстонси“ го објавија својот 25. студиски албум „Foreign Tongues“.
Гостувајќи во емисијата „Private Passions“ на „Би-Би-Си Радио 3“, во епизода што треба да биде емитувана оваа недела, на 11 октомври, Пајн изјави: „Пред само неколку недели повторно имав сесија со него [Џегер] за ‘Ролингстонси’“. „Мик е неверојатен уметник“, додаде тој. „Целиот тој поп-свет е сосема поинаков од сè што јас познавам“.
Пајн и претходно соработувал со Џегер, свирејќи саксофон на неговиот соло-албум „Wandering Spirit“ од 1993 година. Потсетувајќи се на тие сесии, тој рече: „Свирев на една верзија од соло-албумот на Мик Џегер, но ја отфрлија. Потоа добив повик со прашање: ‘Можеш ли утре да дојдеш во Лос Анџелес и да свириш на друга верзија од истиот албум?’ Мик Џегер? Секако!“
Засега нема официјална потврда дека најновата сесија е наменета за следниот албум на „Ролингстонси“. Сепак, веста доаѓа откако Џегер во јуни, во интервју за „Њу мјузик едитор“, откри дека веќе почнал повторно да пишува песни уште пред објавувањето на „Foreign Tongues“.
На прашањето дали албумот би можел да биде вториот дел од серијата од три албуми на „Ролингстонси“, тој одговори: „Да, можно е да станува збор за трилогија [од албуми]… Веќе почнав да пишувам песни“
Сепак, како што рекол фронтменот на Стоунси, песните би можеле да бидат и за други изведувачи. „Кога пишувате песна, понекогаш одлучувате: ‘Ова не е за мене, но би можело да биде за ‘Чили пеперс’ или за некој друг’…….Имам многу отворен пристап кон тоа. Имам многу материјал, а не е сè соодветно за ‘Ролингстонси’. Тоа не треба да ме спречи да ги пишувам песните. Знаете, ако ви дојде некоја идеја, едноставно запишете ја“, изјавил Џегер.
Кит Ричардс, исто така, претходно оваа година изјави дека Џегер „не сака, по ѓаволите, да престане“ да создава нова музика. Тој објасни дека еланот што го добиле за време на снимањето на „Foreign Tongues“ ги поттикнал да продолжат со работата.
Албумот „Foreign Tongues“ беше објавен на 10 јули и стана 15. албум на „Ролингстонси“ што се искачил на првото место на британската листа, со што групата се изедначи со „Битлси“ според вкупниот број албуми на врвот на оваа листа.
