Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој се наоѓа во самоизолација откако имаше интервју со заразениот новинар, се обрати на јавноста преку видео порака. Бара итно втор пакет мерки за справување со коронавирусот.
„Овој пат е потребно веднаш да седнеме и да размислуваме за втор сет на мерки што би било после јули, затоа што сега во овој момент сите оние политики во насока на поддршка на стопанствотот и компаниите кои што завршуваат со јули потребно е да бидат проширени, надградени после јули затоа што негативните ефекти од пандемијата предизвикана од Ковид 19 вирусот се очекува тогаш да кулминираат не само во Македонија, туку и насекаде во Светот. Затоа е потребно сега навремено да се донесе нов втор сет на мерки кои што би биле таканаречен процес на after care, после јули месец 2020 година и на тој начин да го одржиме живот стопанството и на тој начин да ја одржиме жива макроекономската стабилност“, вели Мицкоски.
Од СДСМ велат дека задоцнета е лажната грижа на Мицкоски и дека Владата веќе донела втор сет економски мерки со кој се опфаќаат 250.000 работни места, а се најавуваат трет пакет мерки.
„Христијан Мицкоски продолжува да се однесува несериозно во време на сериозна здравствена и економска криза и наместо конструктивност, тера политиканство и популизам. Владата ги слуша работниците, синдикатите и фирмите и затоа презема мерки кои му служат на стопанството, а не на Мицкоски кој по којзнае кој пат покажа дека не знае економија. Задоцнета е лицемерната грижа на Мицкоски доцни, Владата веќе донесе втор сет економски мерки, а следува и трет, поголем пакет мерки кои ќе опфати уште повеќе компании и работни места. Примитивноста е дел од речникот на Мицкоски, а неговото дејствување останува на спротивната страна од интересите на граѓаните и државата. Со досега донесените мерки државата спасува 250.000 работни места и помага на 35.000 компании, мерките обезбедуваат помош и поддршка на бројни категории граѓани и речиси на над 70 отсто од дејностите. Државата, институциите покажаа исклучителна подготвеност да се справат со здравствените предизвици од коронавирусот и ќе покажат иста таква подготвеност во справување со економските последици“, велат од СДСМ.
