Мицкоски бара лидерска средба за хрватскиот модел – Таравари: Не може да се примени, повеќе ни одговара швајцарскиот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На повикот од СДСМ и ДУИ предлогот за хрватски модел на уставните измени ВМРО-ДПМНЕ да го достави до работната група претседателот на опозициската партија Христијан Мицкоски ја одби. Вели дека преку глава му е од работни групи каде неколку политичари седат во затворена просторија и одлучуваат за иднината на народот и затоа додава предлогот е тој вие го посочивте хрватскиот предлог ние го прифаќаме. Смета дека за ова треба да се разговара на лидерска средба а не на работни групи.

„Јас не би сакал да верувам дека една ваква проевропска Влада која што ја сочинува ДУИ и малцинскиот партнер СДСМ ќе го загрози европскиот пат на Македонија кога веќе имаме предлог на маса кој што еве ние како ВМРО-ДПМНЕ го прифаќаме. Јас сум подготвен да го објаснувам овој наш предлог пред секого и секаде и тука немам никаква дилема. Така што ако бидам поканет на една таква лидерска средба без разлика кој ќе ја организира ќе појдам и ќе го образложам овој предлог, дали тоа ќе го направи Стево Пендаровски дали сака Димитар Ковачевски.“, рече Христијан Мицкоски.

За овој предлог не се согласуваат дел од албанските партии. Алтернатива вели дека ако Мицкоски бара такво нешто, тогаш ајде да разговараме за редефинирање на Уставот. Од друга страна претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари вели дека хрватскиот модел не може да се примени во земјава.

„Во Хрватска над 90 посто од населението се Хрвати а во Македонија е сосема друга конфигурација на населението. Се повикувам на последниот попис 54 посто се Македонци 30 посто се Албанци и други етнички заедници. Ако веќе сакаме да се споредуваме ајде да се споредуваме со Швајцарија или со Белгија или со други држави кои што имаат релативно слична конфигурација како и Македонија.“, рече Таравари.

Во меѓувреме, од Министерството за правда информираа дека е испратен допис до претседателот на државата, партиите и експертите да номинираат своите претставници кои ќе учествуваат во работната група.

„Во интерес на исполнување на обврската која произлегува од преговарачката рамка на Европската унија, потребно е политичко обединување со цел да се загарантира европската перспектива на нашата држава. За таа цел потребно е да се определи претставник кој има познавање од областа на уставното право, кој активно ќе учествува во работната група при изготвувањето на уставните измени.“, велат од министерството за правда.

Рокот за доставување номинации е до 10-ти овој месец, а неофицијално веќе се утврдени и кои ќе бидат експертите и професорите кои ќе се вклучат во изготвување на уставните амандмани.