Мицкоски: Бев тинејџер кога се зборуваше за Коридорот 8, сега по повеќе од 30 години, конечно, ќе биде завршен

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека проектот за источниот дел од Коридорот 8 е оптимизиран и конечно има целосна логика, бидејќи повеќе нема да завршува на „половина тунел во средина на ништо“.

Мицкоски посочи дека во изминатите две години бил постигнат напредок во разговорите со Бугарија, со што се обезбедени услови за поврзување на двете држави преку целосен коридор.

„Онака како што беше пред две години, требаше да завршиме на половина тунел, без јасна определба за модернизација на делот од другата страна на границата. Сега имаме целина која ќе ги поврзе двете држави и ќе донесе додадена вредност за економиите“, рече премиерот.

Тој нагласи дека проектот ќе биде поддржан со средства од Европската Унија, преку грант од 169 милиони евра, како и со финансирање од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој.

„Бев тинејџер кога првпат се зборуваше за источниот дел од Коридорот 8. Денес, по повеќе од 30 години, можам да кажам дека конечно ќе биде завршен“, изјави Мицкоски.

Премиерот најави дека продолжуваат активностите за заокружување на целиот Коридор 8, вклучително и модернизацијата и електрификацијата на делницата Скопје – Гостивар, како и подготовките за делот Гостивар – Кичево – Струга – граница со Албанија, при што ќе се почитуваат препораките на УНЕСКО за заштита на Охридско-струшкиот регион.

Мицкоски очекува тендерската постапка за изградбата на најпредизвикувачкиот дел од проектот да заврши до крајот на годината, а градежните работи да започнат уште во 2026 година.