Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ е модернизиран со инвестиција од 2,7 милиони евра. Реконструиран е патничкиот терминал, проширени се просторите за чекирање и безбедносна контрола, а воведена е и современа опрема за побрзо и побезбедно опслужување на патниците.
Премиерот Христијан Мицкоски очекува модернизацијата, но и владините инвестиции во инфраструктурата, дополнително да го зголемат бројот на патници и авиокомпании.
„Со ова охридскиот аеродром добива поинаква динамика, поинакво светло и поинаков квалитет. Убеден сум дека во периодот што следи, бројот на патниците, но и бројот на компаниите што ги користат услугите на овој аеродром ќе се зголемува“, рече Мицкоски.
Охридскиот аеродром годинава бележи рекордни резултати. Во еден ден биле регистрирани повеќе од 3.000 патници, а во друг биле реализирани над 20 полетувања.
„Убеден сум дека во периодот што претстои, со сите градежни активности и поддршката што ја даваме како Влада, овие бројки ќе се дуплираат, ќе се триплираат и ќе дојдеме до бројки што претставуваат наш нов таргет“, додаде премиерот.
Министерот за транспорт Александар Николоски посочи дека само од јануари до јуни годинава охридскиот аеродром опслужил над 240.000 патници. Тој најави и продолжување на работите на автопатот Охрид–Кичево.
Од „ТАВ Македонија“ информираа дека проектот е реализиран без прекин на работењето на аеродромот, а досега во македонските аеродроми се инвестирани речиси 300 милиони евра.
