Мицкоски: ДИК да си донесе нов правилник – Кондарко: Ќе се прифаќаат кандидатури без собирање потписи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Државната изборна комисија да си донесе нов Правилник и со него да бидат регулирани критериумите и начинот на собирањето потписи за независна кандидатура. Ова го порача премиерот Христијан Мицкоски откако ДИК во саботата откако ги распиша локалните избори за 19 октомври и донесе одлука со која се става вон сила Правилникот за собирање потписи при што беше истакнато дека и независните кандидати ќе можат да се кандидираат за градоначалници и советници. Мицкоски истакна дека измените на Изборниот законик се во собраниска процедура, но се блокирани од една опозициска партија која поставила барања.

„Едно од барањата е да било кој член од Изборната комисија без разлика на мнозинството стави вето и тоа е да е апсолутно. Такво нешто ниту постои ниту некаде е видено во светската пракса, со други зборови не сакаат да се донесе овој Изборен законик. И сега во овој случај одлуката е кај Државната изборна комисија, има механизам и они тоа може да го донесат во својот Правилник. Бидејќи сега го ставија стариот вон сила тие согласно законските надлежности носат нов така што не е доведено ништо под знак прашање.“, рече Мицкоски.

Претседателот на Државната изборна комисија Борис Кондарко во изјава за порталот СДК рече дека доколку Собранието не ги донесе измените на Изборниот законик, ДИК ќе донесе упатство за кандидирање на независните без собирање потписи. Државната изборна комисија веќе се изјасни дека правото на учество на група избирачи е дадена директно со закон и за тоа Комисијата нема зошто да одлучува, туку ќе го применува член 60 од Изборниот законик, вели Кондарко.

„Во Законот не постои само бројот на потписи потребен за кандидирање. Останува да се види дали пред почетокот на законскиот рок за собирање потписи, 10 дена по распишувањето на изборите, Собранието ќе ги донесе измените на Законикот со кои ќе се определи бројот на потребни потписи. Ако не ги донесе, ДИК ќе го прецизира Упатството за поднесување на листи во смисла на примена на член 60, без собирање потписи.“, изјави Кондарко.

Независните се во недоумица, не знаат како да постапат и затоа велат дека ќе продолжат да собираат потписи за регистрирање политичка партија. Бараме јасни и недвосмислени правила за учество на изборите, а институциите на два месеца пред локалните избори играат топло-ладно со тоа како независните граѓански иницијативи можат да учествуваат на локалните избори, велат од Шанса за Центар.

„Претставници на институциите со нејасното произнесување без да дадат официјални упатства за начинот на кој иницијативите можат да се кандидираат на изборите, кога веќе се распишани изборите и течат изборните рокови, се надоврзуваат на целосна конфузија која ја оркестрираа политичките партии за да ги истиснат независните од играта. Продолжуваме да собираме потписи за регистрирање на политичка платформа за да ја избегнеме правната несигурност и законската неизвесност која ја создаваат партиите.“, изјавија од „Шанса за Центар“.

Неизвесноста за тоа како ќе можат независните кандидати да учествуваат на изборите настана откако Уставниот суд ги укина членовите 61 и 62 од Изборниот законик кои го одредуваа собирањето потписи за учество на избори. По ова стана нејасно дали е потребно независните да собираат потписи или не.