Мицкоски ги отфрли барањата од конгресот на СДСМ: „Тие се мекото ткиво на македонскиот национален идентитет“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

СДСМ преку новата идеолошка платформа најави дека ќе врши силен притисок врз власта во однос на евроинтеграциите. Претседателот на партијата Венко Филипче рече ќе бара јасен државен план за отворањето на кластерите и поглавјата во преговорите со рокови, политичка одговорност и целосен јавен отчет. На ова рече ќе инсистира, бидејќи како што истакна земјава не смее да ја пропушти шансата на отворени европски врати. Ваквите пораки премиерот Христијан Мицкоски не сакаше да ги коментира и рече дека СДСМ се грижи само за својот личен интерес.

„За жал СДСМ продолжува да биде мекото ткиво во македонскиот национален идентитет. Јас жалам што од некогаш државотворната партија се претвори во една група која што се бори за да го штити својот личен интерес. Но тоа е што е. Сега тие одбрале таква политика, така да се однесуваат ние тука не можеме ништо повеќе да сториме, затоа понекогаш и можеби не треба да коментираме се што тие кажуваат“, вели Христијан Мицкоски.

Од СДСМ повторно повикуваат на обединување кое, како што велат, преку новата платформа ќе даде визија за економски развој и европски вредности. 

„Европа не е апстрактна политичка цел туку подобар живот дома, повисоки плати, владеење на правото и повеќе шанси за секој човек. Македонија не смее да остане заглавен во национализам, популизам и политички манипулации кои ја оддалечуваат од европската иднина. Наместо поделби, СДСМ нуди визија за обединување околу државните интереси, економски развој и европски вредности преку поширок Фронт за вистина и за правда“, вели Богданка Кузеска.

Филипче на вчерашното обраќање на Конгресот настапи со остри критики кон власта, рече дека демократијата замира, а цените растат. Побара, доколку Владата не успее да ја придвижи земјата кон Европската унија да си замине.