Премиерот Христијан Мицкоски денеска во изјава ги повика граѓаните летните одмори да ги поминат во домашните туристички центри, предизвика политички реакции во јавноста.
Премиерот ваквиот повик го образложи како алтернатива поради очекуваните гужви на граничните премини кон Европската Унија по воведувањето на новиот ЕЕС систем.
На ова експресно реагираше опозициската СДСМ, која преку писмено соопштение го критикуваше премиерот, обвинувајќи го за двојни стандарди.
„Додека Христијан Мицкоски со владин авион тера одмор во Сплит – Хрватска, ги повика граѓаните да летуваат во Македонија ако не можат да ја поминат границата поради метежот предизвикан од ЕЕС системот“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека ваквиот пристап потсетува на кампањи за домашен туризам во соседството, прашувајќи дали Мицкоски копира политики од, како што велат, сестрински партии во регионот.
СДСМ дополнително обвинува дека актуелната власт води политика која ја оддалечува државата од Европската Унија и ја ограничува слободата на движење на граѓаните.
„Ова е директно признание дека неговата антиевропска политика ги затвора границите и им ја краде слободата на граѓаните“, стои во реакцијата на опозициската партија.
Во соопштението, СДСМ упати и обвинувања за корупција и фаворизирање на партиски интереси, додавајќи дека, според нив, граѓаните заслужуваат европска иднина и институции со одговорност.
Од Владата засега нема дополнителна реакција на обвинувањата од опозицијата.
