Мицкоски: Имавме чувство дека државата станува „Лас Вегас“, со новиот закон се воведува ред во игрите на среќа

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека новиот закон за игри на среќа има цел да воведе ред и дисциплина во оваа дејност, оценувајќи дека државата „полека но сигурно“ почнала да наликува на Лас Вегас.

Говорејќи за честото присуство на казина, обложувалници и брзи кредити во градовите, Мицкоски рече дека Владата имала чувство оти коцкарската индустрија станува доминантен дел од урбаната слика.

„На секој чекор гледавме дуќани со силни светлечки реклами за казина и коцкање, а веднаш до нив канцеларии за брзи кредити и заложувалници. Тоа е систем кој мора да се регулира и кој, за жал, е причина за многу семејни и човечки несреќи“, изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека со новиот закон ќе се ограничат агресивните реклами и ќе се воведе поголема контрола врз дејноста, иако, како што посочи, Владата е свесна дека мерките може да имаат и фискални последици.

„Цениме дека мора да се стави ред и дисциплина во игрите на среќа и дека државата не може да наликува на Лас Вегас“, рече премиерот.

Осврнувајќи се на реакциите од Асоцијацијата на игри на среќа, Мицкоски ги отфрли обвинувањата дека законот бил донесен нетранспарентно. Според него, во процесот биле вклучени сите засегнати страни, но Владата пред сè го штити интересот на граѓаните и државата.

Премиерот, кој денеска престојуваше во Виница, додаде дека не очекува законот да доведе до нелегално приредување игри на среќа ниту, пак, до губење работни места.

„Едноставно се воведува дисциплина и македонските градови ќе добијат поинаков лик и перцепција“, истакна Мицкоски.