Премиерот Христијан Мицкоски порача дека инсистира јавно да биде објавен официјалниот извештај и анализата со кои се потврдува дека водата во Гостивар е безбедна за пиење. Неговата реакција следува по обвинувањата од СДСМ, како и по кривичните пријави што опозициската партија ги поднесе против министерот за здравство, директорите на Институтот и Центарот за јавно здравје, како и против директорите на Здравствениот и санитарниот инспекторат.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со повиците тој да преземе одговорност за случајот со загадената вода во Гостивар, Мицкоски рече дека поднесувањето кривични пријави е демократско право на секоја политичка партија.
„Тоа е демократско право на секоја политичка партија доколку смета дека таквата стратегија во нејзиното политичко дејствување е добра, корисна и дека на тој начин ќе има успех“, рече Мицкоски.
Премиерот, сепак, изрази зачуденост што во реакциите на СДСМ не се споменува градоначалникот на Општина Гостивар, за кого, како што посочи, партијата дала поддршка на локалните избори.
„Јас сум зачуден зошто, да речеме, за првоповиканиот во случајот, а тоа е градоначалникот на Општина Гостивар, никако не можете да го сретнете во соопштенијата на СДСМ. Кога велам зачуден, тоа го кажувам, се разбира, иронично, бидејќи нормално е дека истата оваа политичка партија нема да го спомене него, бидејќи таа го поддржа на локалните избори во Гостивар“, изјави премиерот.
Мицкоски посочи дека надлежностите во однос на водоснабдувањето ги има општинското јавно комунално претпријатие. Според него, Обвинителството и Министерството за внатрешни работи веќе обезбедиле три лица, а истрагата сè уште трае.
„Колку што сум информиран, истрагата е сè уште во тек и не е затворена. Така што, мислам дека истрагата може да придонесе да имаме и други кои исто така би биле вплеткани во овој случај, односно за кои Обвинителството или МВР во текот на истрагата ќе констатираат дека имаат некаков удел и учество во сето ова“, рече Мицкоски.
Премиерот додаде дека е зачуден и од тоа што, како што рече, социјалдемократите во минатото не реагирале на информации за неквалитетна вода во Гостивар, но и во други општини, меѓу кои ги наведе Прилеп и Крушево.
„Зошто против нив не поднесоа? Бидејќи тие ништо не преземале, оваа Влада презема. Првиот момент кога доби таков извештај, презема. Направи една робусна акција, го прочисти системот и повторно го врати во владение на Општина Гостивар и во рацете на комуналното претпријатие кое ја дава оваа услуга“, додаде Мицкоски.
Тој оцени дека политичката стратегија на СДСМ во овој случај е погрешна, но порача дека опозициската партија сама треба да одлучи како ќе постапува. Мицкоски одговараше на новинарски прашања по посетата на населеното место Идризово во Општина Гази Баба.
