Мицкоски: Извозот расте побрзо од увозот, трговската разлика е намалена за 85 милиони евра

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека најновите податоци за надворешнотрговската размена укажуваат на подобрување на економските показатели, со оглед на тоа што извозот расте значително побрзо од увозот. Според него, ваквиот тренд е забележан и покрај енергетската криза со која се соочува светот.

Одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Пирава, Мицкоски посочи дека извозот во септември годинава остварил раст од 22 до 23 проценти во евра, додека увозот бележи зголемување од осум до девет проценти.

„Многу побргу растеме како извоз отколку како увоз“, истакна премиерот.

Тој се повика и на анализата на податоците за третиот квартал, според која разликата меѓу увозот и извозот е намалена за 85 до 86 милиони евра во споредба со истиот период минатата година.

Мицкоски оцени дека ова значи поголем прилив на девизи во државата и го посочи како позитивен показател за економијата. Притоа упати критики кон опозицијата, наведувајќи дека резултатите на Владата треба да се оценуваат преку економските показатели, а не преку, како што рече, политички конструкции и лаги.