Министерството за односи меѓу заедниците продолжува со консултациите за изработка на Стратегијата за мултикултурализам и општествена кохезија за периодот 2027–2032 година. Денеска во Владата се одржа вториот ден од консултативната средба со универзитетски професори, експерти од соодветните области, претставници на граѓанските организации и претставници на надлежните институции, соопштија од ова министерство.
Целта на средбата е вклучување на стручната експертиза и размена на мислења и конкретни предлози, кои ќе послужат за утврдување на приоритетите и мерките што ќе бидат опфатени во новата стратегија.
По отворањето и обраќањето на министерот за односи меѓу заедниците, Агон Ферати, работата продолжи преку тематски презентации и отворени дискусии со учесниците. Посебно внимание се посветува на две приоритетни области: институциите и медиумите.
„Преку придонесот на експертите и универзитетските професори се разгледуваат прашањата поврзани со улогата на институциите во унапредувањето на мултикултурализмот, застапеноста и соработката меѓу заедниците, како и значењето на медиумите во промовирањето на меѓукултурниот дијалог, меѓусебното разбирање и општествената кохезија. Програмата опфаќа и дискусии во кои учесниците имаат можност да ги изнесат своите ставови, предлози и препораки, со цел стратешкиот документ да биде сеопфатен и да ги одразува реалните состојби и потребите на општеството“, се вели во соопштението на МОЗ.
