Четири лица се приведени, а по петти осомничен сè уште се трага по полициската акција спроведена на 5 ноември на шест локации во Куманово. Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека против петтемина е поднесена кривична пријава за „изнуда“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“.
Приведените се Д.П. (37), Л.К. (73), М.К. (27) и Д.Ж. (43), додека З.Р. (35) е недостапен за органите на прогонот.
При претресите полицијата одзела договори за заеми со високи камати, договори за недвижности, поголема сума пари, возила, мобилни телефони и друга електронска опрема.
Од МВР посочуваат и дека во еден од случаите бил составен фиктивен договор за долг од еден милион денари, по што била поведена постапка за присилна наплата, а на оштетеното лице му била блокирана банкарската сметка.
Кривичната пријава против петтемина е поднесена на 6 ноември, а истрагата се однесува на сомневања за изнуда и перење пари и други приноси од казниво дело.
