Мицкоски категоричен: Бадентер не е засегнат, тој е дел од Охридскиот договор! ДУИ ја нарекува идејата на Филков опасна

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Изјавата на министерот за правда Игор Филков дека треба да се размислува за ревидирање на Бадентеровото мнозинство при гласањето, за потпретседателот на ДУИ Арбр Адеми е опасна идеја. Според него ваквите идеи ќе ги заострат меѓуетничките односи, но и претставуваат   директен напад на Охридскиот рамковен договор.

„За жал се повеќе им се дава простор на политички сили и на политичари кои имаат опасни идеи и кои мислат дека мултиетничките држави не се функционални, а кои се поборници на чисто етнички држави. Такви идеи и такви идеолози се опасни бидејќи со тоа се заоструваат меѓуетничките односи па се до нарушување“, вели Арбр Адеми.

Министерот Филков оваа рече дека  можеби е дојдено време да се размисли за ревидирање на Бадентеровото мнозинство, а ваквата идеја ја изнесе, поради, како што рече, негова злоупотреба за блокирање на закони и одлуки. Но премиерот Мицкоски не се согласува со ова и вели дека тоа правило е дел од Рамковниот договор и дека тоа е завршена работа.

„Тоа правило е дел од Рамковниот договор, Рамковниот договор е дел од Уставот,Рамковниот договор е целосно исполнет и завршен и тоа е завршена и затворена тема. Тоа што претставуваше суштински и институционален  проблем, а тоа е балансерот, знаете ние понудивме закон за правична застапеност“, вели Христијан Мицкоски.

Инаку, од ДУИ реагираа и за одлуката на Владата за намалување на бројот на општински советници  за кое, како што истакнаа е спротивно на Уставот и Законот за локална самоуправа. Бројот на советници во секоја општина треба да се пресметува единствено врз основа на бројот на жители и притоа да не се прави разлика меѓу резидентно и нерезидентно население, а Владата со намалувањето на бројот на советници го нарушува правичното претставување во општините, рече Адеми.