Мицкоски: Ќе ги заштитиме вработените и доверителите на Алта банка

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Владата ќе се вклучи во изнаоѓањето решение за состојбата со Алта банка, со цел да се заштитат вработените, доверителите и интересите на граѓаните, порача премиерот Христијан Мицкоски на надзорната расправа во Собранието посветена на банката.

Тој истакна дека како претседател на Владата нема да го игнорира проблемот, туку ќе направи сè што е во негова моќ за да се најде решение. Како пример ја посочи и својата постапка за време на енергетската криза, кога, како што рече, иако бил во опозиција, нудел помош и поддршка.

Мицкоски нагласи дека целта е најпрво да се зачуваат работните места во банката, а потоа да се заштитат и доверителите. Според него, банката е ликвидна, а Народната банка навремено ги презела потребните мерки.

„Стојам на ставот не само јас, претпоставувам и сведоците кои следат, дека оваа банка е апсолутно ликвидна банка, дека нашиот систем има механизми тоа да го одржи стабилно и дека нашиот систем во рамките на функционирањето на оваа банка ја одржал таква каква што е. Механизмите кои ги имаат на располагање во Народна банка навремено интервенираа“, изјави Мицкоски.

Премиерот додаде дека, според познавачите со кои разговарал, институциите постапиле навреме и согласно процедурите, со цел да се зачува финансиската институција.

Тој посочи дека преземените и најавените чекори се насочени кон заштита на интересите на граѓаните и државата, нагласувајќи дека не смее да се дозволи повторување на случајот со Еуростандард банка, која пропадна за време на владата на СДСМ и ДУИ.

„Конечно ќе дојдеме на крај до решение во кое оваа банка нема да банкротира како што тоа беше случајот со Еуростандард, која банкротира откако неколку дена претходно министер за финансии, министер во владата на СДСМ и ДУИ, си го подигна својот штеден влог. Тоа претставува скандалозно нешто“, рече Мицкоски.

Осврнувајќи се на разговорот со гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, премиерот ги отфрли обвинувањата што, како што рече, ги шират од една политичка партија во изминатите денови.

Мицкоски објасни дека смета за нормално премиерот да биде информиран од Народната банка за преземање на една банка, наместо за тоа да дознава од медиумите. Тој нагласи дека во однос на процесот не настапувал во својство на лице кое ја нуди или продава банката, туку како претседател на Владата со политички легитимитет од граѓаните.

Притоа се повика на резултатите од последните парламентарни избори, посочувајќи дека коалицијата што ја предводи добила околу 450.000 гласови, а заедно со гласовите на коалициските партнери бројката надминувала 600.000.