Она што економистите и стручната јавност го очекуваше како мерки за борба против инфлацијата, денеска премиерот Христијан Мицкоски го најави. Ќе се носат потребните мерки, кои ќе краткорочно ќе бидат болни за граѓаните, но долгорочно ќе се зауздаат поскапувањата кој од месец во месец забрзуваат. Премиерот Мицкоски е свесен дека овие мерки ќе донесат негативни политички поени за Владата.
„Апсолутно да, затоа што свесни сме откако го лоциравме проблемот каде е, свесни сме дека тоа можеби ќе има и политичка цена и тука немаме никаква дилема. Но, подобро на краток рок да ја платиме таа политичка цена отколку граѓаните да ја плаќаат во континуитет на долг рок.“, вели Христијан Мицкоски.
Експертската јавност посочи дека мерките за борбата против инфлацијата не треба да бидат замрзнување на цените и на маржите, бидејќи ваквата мерка има јо – јо ефект, односно по намалувањето, цените или се враќаат по старо или има зголемување.
Според дел од економистите со кои разговараше ТВ21, јулската инфлација која изнесува 4,8 насто годишно не е подгреана од цените на храната, туку од други фактори, како што е растот на базичната инфлација, во која меѓу другото влегуваат услугите како што се транспортот, угостителството и туризмот, а се исклучени храната и енергенсите.
Вчера, премиерот Мицкоски истакна дека врз порастот на инфлацијата влијаат и зголемувањето на платите и пензиите. Според СДСМ, ова не е точно и цените не растат поради платите и пензиите.
„Растат затоа што нема стратегија за економска стабилност, затоа што се толерираат монополски структури и шпекулативни маржи, затоа што зависиме од увоз за основни добра. Обидот да се префрли вината врз работниците и пензионерите е политички срамен. Македонија заслужува економија што ќе работи за своите граѓани, што ќе обезбедува стабилни цени, фер пазар и заштита на животниот стандард, а не и изговори за сопствената неспособност.“, порача Фатмир Битиќи.
Од Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс Тинк“ пак сметаат дека инфлацијата се подгрева и поради личната потрошувачка која е зголемена поради повисоките пензии и плати.
