Премиерот Христијан Мицкоски најави нов пристап во управувањето со јавните инвестиции, нагласувајќи дека државата влегува во фаза на стратешко планирање и мерливи резултати. Во обраќање на седницата на Комитетот за јавни инвестиции, тој посочи дека Владата веќе ги поставила основите, а сега следува нивна надградба со систем кој ќе гарантира ефикасност.
Според него, со формирањето на Комитетот се воспоставува поцврст и поодговорен механизам за одлучување, заснован на јасни критериуми, визија и долгорочна стратегија, наместо на импровизации.
„Целта е секој денар од буџетот да создава најголема вредност – да поттикнува економски раст, да отвора работни места и да го подобрува квалитетот на животот. Времето на стихијно планирање заврши, доаѓа време на систем, одговорност и резултати“, истакна Мицкоски.
Тој посочи дека листата на проектни идеи, која се разгледува, е резултат на координиран институционален пристап и претставува основа за развој во повеќе клучни сектори. Во транспортот се планираат инвестиции во модерни железници, нови електрични локомотиви и реконструкција на делници, како и подобрување на поврзаноста преку Corridor 8 и Corridor 10.
Во образованието, фокусот е ставен на доизградба на објектите на ФИНКИ, Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, како и на Универзитет „Мајка Тереза“. Во здравството се најавени инвестиции во регионалните клинички болници во Тетово, Штип и Кичево, со цел подобрување на условите и квалитетот на услугите.
Премиерот потенцираше дека дигиталната трансформација ќе се реализира преку воспоставување владин податочен центар, зајакнување на мрежната инфраструктура и кибербезбедноста, со цел поефикасна и транспарентна администрација. Во земјоделството и водостопанството, инвестициите ќе бидат насочени кон системи како Злетовица и Стрежево, како и ревитализација на водните ресурси.
Во енергетиката, преку проектите на АД ЕСМ, се планира зајакнување на енергетската независност со нови капацитети, обновливи извори и модернизација на постојната инфраструктура.
Мицкоски нагласи дека Министерството за финансии веќе дало позитивно мислење за сите предложени проекти, оценувајќи ги како издржани и остварливи, но потенцираше дека конечната одговорност е кај Комитетот, кој треба да ја утврди приоритетната листа на инвестиции.
Комитетот за јавни инвестиции, со кој претседава министерот за финансии, ги вклучува сите ресорни министри, а неговата работа се темели на Законот за буџетите и уредбата за управување со јавни инвестиции.
