Претставници на Меѓународната Паневропска унија сметаат дека предлогот за членство во Европската унија без право на глас не е добра. Сите треба да добијат полноправно а не некој да биде со понизок статус вели Паво Паришиќ од Паневропската унија.
„Во резолуцијата која ја донесовме пред неколку месеци во Винковци меѓународната Паневропска унија предупреди дека тоа не е добар пристап, дека, на тој начин процесот на интеграција во Европа би се успорил, и не само што би се успорил, туку и би се довел во прашање. Ние не сметаме дека е добро да постојат земји со различни статуси и дека не може да се компензира со некакви регионални облици на соработка или со некакви пониски права на одредена земја“, рече Паришиќ.
Првиот човек на Директоратот за ЕУ во МНР Андреј Лепавцов вели дека ваквата идеја постои во Европската унија одамна, но и тој не се согласува со ваков вид получленство. Сепак додава дека се уште за ова само се говори, но официјално нема ништо.
„Како Паневропска унија на Македонија и на меѓународната Паневропска унија не сме на ставот дека ние треба да бидеме членови на Европската унија во втор или во трет ешалон, како сакате тоа назначете го. Но јас ова залудно го зборувам кога и другата страна, Европската унија тие досега немаат одлучено како да биде. Значи тоа се тековни дискусии нема ништо официјално околу тоа, тоа се само изјави и на поедини желби на одредени центри во Европа.“, вели Лепавцов.
Премиерот Мицкоски вели дека Македонија е жртва на булинг од Европската унија и дека разгледува поделби на земји од прва и втора лига. Вели дека напредокот на земјава не се вреднува според реформите туку со наметнување политички услуги.
„Македонија е жртва на класичен булинг на земји членки кои што од внатре го уценуваат интегрирањето на Македонија во рамките на Европската унија и тоа не се цени според тоа каков напредок имаме, туку се цени според тоа, дали ќе го смениме Уставот, дали ќе го промениме името, знамето, банкнотите и така натаму. И колку повеќе ова го игнорираме толку потежок ќе биде тој пат и толку повеќе ќе имаме препреки пред нас“, кажа Мицкоски.
Наместо да се спроведат реформите што Европа ги бара Мицкоски нуди само изолација и анти ЕУ кампања а единствениот булинг на македонскиот народ го прави тој, коментира претседателот на СДСМ Венко Филипче.
„Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот.“, вели Филипче.
За сега од Европпската унија немаат ништо официјално во врска со членството без право на глас, и оттаму само велат дека процесот на пристапување кон ЕУ е јасно дефиниран.
