Мицкоски: Министрите не добиваат функции, туку обврски што треба да ги заслужат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Реконструкцијата на владиниот состав е дел од процесот за подобрување на ефикасноста и продолжување на реформите, порача премиерот Христијан Мицкоски во Собранието, каде ги образложи предлозите за промени во Владата.

Тој истакна дека принципот според кој функционира Владата е дека функциите не се трајно право, туку обврска која секојдневно треба да се оправдува со работа и резултати.

„Од првиот ден кажав дека оваа Влада нема да биде влада на комфор, туку влада на резултати. Функциите не се стекнато право, туку обврска што секој ден повторно мора да се заслужува“, рече Мицкоски.

Според него, реконструкцијата не треба да се толкува како неуспех на министрите кои заминуваат, туку како дел од одговорноста на една власт која треба постојано да се преиспитува и да бара подобри решенија.

„Функцијата никогаш не била и никогаш нема да биде цел сама по себе. Таа е средство преку кое му служите на народот. Довербата што граѓаните ја дадоа не му припаѓа ниту на премиерот, ниту на министрите, туку единствено на граѓаните“, посочи премиерот.

Мицкоски им се заблагодари на досегашните министри кои ги напуштаат функциите, оценувајќи дека работеле чесно и одговорно.

Осврнувајќи се на работата на поранешниот министер за култура Зоран Љутков, тој посочи дека буџетот за култура бил зголемен од 768 милиони денари во 2023 година на повеќе од една милијарда денари во 2026 година, а средствата за туризмот биле зголемени повеќе од трипати.

За поранешниот министер за земјоделство Цветан Трипуновски, Мицкоски рече дека во неговиот мандат биле исплатени речиси четири милијарди денари заостанати обврски, а финансиската поддршка за земјоделците надминала 15 милијарди денари.

Говорејќи за Министерството за правда, премиерот нагласи дека биле подготвени 33 реформски законски решенија во изминатите две години, додека за здравствениот сектор посочи дека е еден од најсложените ресори кој бара континуирана работа и посветеност.

Во своето обраќање Мицкоски упати критики кон опозицијата, обвинувајќи ја за состојбата во која, како што рече, биле оставени институциите и јавните финансии.

„Разликата меѓу нас и вас е едноставна. Вие ја потрошивте довербата што ја добивте, а ние секој ден работиме повторно да ја заслужиме довербата на граѓаните“, рече Мицкоски.

Тој порача дека граѓаните треба да ги оценуваат политиките преку конкретни резултати, а не само преку политички пораки, нагласувајќи дека целта на Владата е создавање држава заснована на работа, чесност и одговорност.