Премиерот Христијан Мицкоски очекува од полноќ да има ново зголемување на цените на горивата, при што, според неговите проценки, дизелот би можел да поскапи за околу 2 до 2,5 денари по литар, а бензините за околу еден денар.
„Очекувам да имаме зголемување од околу 2 до 2,5 денари за литар за дизел горивото и околу денар за бензините. Но, да почекаме утре Регулаторната комисија да ги каже последните бројки“, изјави Мицкоски.
Тој појасни дека очекуваното поскапување е последица на растот на цената на суровата нафта на светските берзи, која во текот на изминатата седмица се зголемила за околу пет до шест проценти. Според него, во истиот период е забележан и благ раст на цените на бензините од два до три проценти.
Сепак, премиерот нагласи дека и покрај најавеното зголемување, Македонија и понатаму ќе остане меѓу земјите со најниски цени на горивата.
„И покрај тоа што станува збор за берзански производ, повторно остануваме убедливо држава со најниски цени на дизел горивата и на бензините“, рече Мицкоски.
Изјавата ја даде при посетата на Кавадарци, каде што присуствуваше на поставување камен-темелник за изградба на нов објект во рамки на Спортскиот центар „Јасмин“, одговарајќи на новинарски прашања.
