„Пендаровски е неискусен политичар и не го следам веќе“, со овие зборови лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 пред помалку од еден месец одби учество во секакви активности организирани од претседателот Стево Пендаровски.
„Тоа е неискусен политичар, како што вели Заев. Замислете сега на претседателските избори човек кој што ве промовира, ве тера да гласате за него, и на крајот вели дека е неискусен. Шегата на страна, навистина не сум го видел интервјуто на Пендаровски“
рече Мицкоски на 26.11.2020 во емисијата „Click Plus“ на ТВ21.
Мицкоски, денеска изјави дека нема да присуствува на евентуална лидерска средба организирана од страна на претседателот Пендаровски. Според него, партиските лидери треба да разговараат за важните политички прашања.
„Не можам да бидам пазарџија, ниту, пак, да бидам политичар којшто ги менува позициите од ден на ден, ниту, пак, да ги перам сите оние грешки што ги прави Зоран Заев, кога буквално ги урива сите позиции кои со децении се креирани. Затоа што, кога бил во опозиција ветувал нешто, што денеска ете гледаме, не може да исполни. Не ја гледам улогата на Стево Пендаровски во оваа лидерска средба. Стево Пендаровски не е лидер на политичка партија. Ако е потребна поддршката на политичките партии, ние политичките партии да разговараме за нешто, тогаш се знае, треба да седнат политичките партии и да разговараат. Се знае кој е тој којшто треба да ја свика таа лидерска средба, ние неколку пати до сега ја побаравме таа лидерска средба. Ако цени дека треба да седнат политичарите да разговараат на таа лидерска средба, стојам на располагање“
рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека доколку седнат политичките партии и дојдена е иницијатива од страна на Владата, ќе ја прифати и ќе учествува на неа.
Заев претходно за ТВ21 изјави дека нема потреба од одржување на лидерска средба околу прашањето за Бугарија.
„Не ми треба Мицкоски да се скарам со Бугарија, можам да се скарам сам. Ако го повикам, ќе се скарам“
ИЗЈАВИ ЗАЕВ. ВО „CLICK PLUS“ НА ТВ21 НА 17.11.2020.
Претседателот Стево Пендаровски не планира да свика лидерска средба, велат од Кабинетот на шефот на државата, откако премиерот Зоран Заев денеска најави средба на партиските лидери до крајот на годината, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христјан Мицкоски рече дека нема да учествува ако ја организира претседателот Пендаровски.
„И самиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во изјавата за медиумите вели дека претседателот на државата не е лидер на политичка партија, а тој бара свикување средба со лидерите на партиите“
истакнуваат од Кабинетот на Пендаровски за МИА.
Доколку до крајот на годинава се одржи лидерска средба, на истата би требало да се решаваат проблемите со Бугарија, за што Мицкоски денеска отфрли било каква вина на ДПМНЕ за неуспехот со Европската унија.
