Премиерот Христијан Мицкоски обвини дека ДУИ и Али Ахмети имаат стратегија да отвораат теми со кои етнички ќе го поларизираат населението. Според него, Владата тоа нема да го дозволи, а целта на интегративците била да дефокусира од, како што вели, сторени криминали. Мицкоски објави дека против функционери на ДУИ во моментов се отворени случаи.
„Многу случаи се работат поврзани со високи поранешни функционери на Демократската унија за интеграција и јавноста многу скоро ќе види кој е во суштина вистинскиот мотив на актуелното раководството на Демократската унија за интеграција“, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Во меѓувреме, од ДУИ повикаа да се распишат предвремени парламентарни избори. Според нив, потребна е итна промена на политичкиот курс.
Премиерот одговори дека предвремени избори ќе има, но ако владејачките партии бидат поразени на локалните избори идната есен.
„Доколку оваа Влада ги порази сегашните опозициски политички партии на локалните избори, тогаш очекуваме конечно да се посветат на самите себе, да се реструктуираат кадровски и програмски да се освежат и да може на следните парламентарни редовни избори да излезат со нова програма“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Прашањето за предвремени избори и неодамно беше покренато во јавноста. ДУИ тврдеше дека треба предвремени парламентарни избори заедно со локалните, за да се заштедат пари. Но, владејачките партии ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ истакнаа дека нема потреба од предвремени избори зашто коалицијата е стабилна и нема потреба да трошат дополнителни средства.
