Владата продолжува да собира докази за, како што вели, криминалите и корупциите извршени од функционери од претходната влада. Следната есен ќе има многу досиеја со силни докази, најавува премиерот Христијан Мицкоски. Кога ќе почне да се објавуваат истите, рече дека граѓаните ќе разберат зошто се најавуваат сценарија за дестабилизација.
Кривична одговорност најави и министерот за евроинтеграции Орхан Муртезани. Во Дејли Клик рече дека во влада речиси на секоја седница се дебатира за борбата против криминалот и корупцијата.
-Верувам дека многу брзо кога работите ќе почнат да излегуваат во јавноста, поконкретно, тогаш ќе имаме појаснување за сета оваа конфузија на ДУИ со легитимитетот и платформата за поделба на државата и слично, вели Орхан Муртезани, министер за евроинтеграции.
Што се однесува до одговорноста за можни криминални дејствија, Крешник Бектеши од ДУИ, пред неколку дена во Дејли клик рече дека не е премиерот тој што треба да каже дали некој направил криминал, туку тоа треба да го направи Државната ревизија.
-ДУИ е отворена за ветинг на сите функционери од осамостојувањето на РСМ до денес. Предлог кој беше одбиен токму од ВМРО-ПДМНЕ. Ги повикувам медиумите и граѓаните да прашаат зошто ВМРО-ДПМНЕ и мнозинството во моментов го отфрлаат ветингот на функционерите, што можеме да го прошириме и во други области како што се судството и обвинителството, вели Крешник Бектеши од ДУИ.
Од почетокот на изборната кампања има најави за кривична одговорност за постапките на претходната власт. Премиерот Христијан Мицкоски предупреди дека сите што ја злоупотребиле службената должност ќе завршат зад решетки.
