Мицкоски: Нашата битка е да ја победиме омразата, цинизмот и талогот што ја трујат Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Илинден не е само датум, тој е и завет, но и карактер. Илинден е најсилниот доказ дека постојат народи кои можат да бидат окупирани, напаѓани, предавани, потценувани, но никогаш не можат да бидат покорени, затоа што слободата не започнува на границите на една држава, туку во срцето на еден народ- порача  премиерот Христијан Мицкоски во своето обраќање од Пелинце. Рече дека денес  татковината не е земјата и државата за која сонуваа илинденците и асномците, но потенцираше дека нашата битка е токму да ја вратиме таквата татковина.

„Оваа битка на оваа генерација е последната надеж за иднината на татковината. И не смееме и не можеме да потфрлиме. Битката на оваа генерација е последната линија и сила на отпор против многу неправди, против многу историски одлуки за кои, иако не влијаевме, беа погрешни и влијаеја врз нас. Денес татковината знам дека не е земјата и државата за која сонуваа илинденците и асномците, но нашата битка е токму да ја вратиме таквата татковина“, додаде Христијан Мицкоски.

Мицкоски упати критики кон опозицијата, оценувајќи дека наместо идеи нуди песимизам и поделби, а порача дека нема да прифати, како што рече, „предавства на штета на државата и народот“ и повика на обединување.

„Драги пријатели ве молам не паѓајте во замката на талогот кој тие го создаваат. Ве молам внимавајте и не му верувајте на тој талог на неуспеси, цинизам и мразење на сè што е успешно. Нашата генерација има обврска да се избори за нешто што е подеднакво важно — да ја сочува душата, да ја врати вербата во институциите, да го врати достоинството на чесниот човек и повторно да ја направи надежта најсилна движечка сила на нашето општество“, порача Христијан Мицкоски.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче упати порака од  Крушево –  дека  нашата должност е да го продолжиме патот на илинденците, а денешната борба е за достоинствен живот, правда, владеење на правото и европска иднина на Македонија.

„Затоа ние се бориме за Македонија во која владее правото, а не партискиот интерес.  За македонија во која има чиста вода, достоинствени плати и перспектива за младите. За македонија која е дел од европското семејство, слободна, демократска и просперитетна. Илинденците се бореа против тиранијата на своето време. Денес нашата борба е против корупцијата, против изолацијата и против лажниот патриотизам што ја држи државата во место“, вели Венко Филипче.

Филипче потенцираше дека идеалите за кои се бореле илинденците и денес остануваат патоказ за развојот на државата и обврска на сегашните генерации да изградат подобра иднина за сите граѓани. Вистинската почит кон Илинден не е само во сеќавањето на минатото, туку и во создавањето држава во која граѓаните ќе имаат сигурност, достоинство и перспектива-рече тој.