Мицкоски: Не прифаќаме наметнувања – Кос: Европа не е целосна без Западен Балкан

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Останува на вас да го испорачате тоа што се бара, планот за раст е целосно во ваши раце и тоа ќе биде важно за вашите реформи кои се потребни за членство во Европската унија. Ова го порача еврокомесарката за проширување Марта Кос на лидерскиот самит панелот посветен на Планот за раст на Западен Балкан, во кој рече дека Европа не може да биде целосна без земјите од регионот. Кос го поздрави договорот со Бугарија за железничката пруга, а рече дека ќе од идната година ќе има и бесплатен роаминг.

„Покажуваме први резултати, 75 проценти од договорените реформи за сите земји се или имплементирани или во тек е имплементирање, но како и да е една четвртина сепак не е исполнета. Може да имаме бесплатен роаминг за западнобалканските земји од 1 јануари 2026 година“, вели Марта Кос.

Дека Планот за раст на Македонија не е само формално покажува и фактот дека земјава има исполнето голем дел од реформите и тоа над просечните 75 проценти, истакна премиерот Мицкоски. Тој порача дека Македонија останува на европскиот пат.

„Нашите чекор по европскиот пат се со отворени срце и разум со прифаќање на европските вредности. Меѓутоа се противиме на уцените кои не се дел од тие вредности. Не прифаќаме наметнувања под маска на европскиот процес. Почитувана комесарка Кос на овој самит нашата држава влегува како држава со јасна насока нашите реформи не се декорација тие се потреба“, порача Христијан Мицкоски.

Прашана за тоа дали Европа ќе даде гаранции дека нема да се билатерализира процесот како и за најавите на Бугарија дека ќе поднесе амандмани во Европскиот парламент со додавка модерен јазик и нација, Кос порача дека идентитетот е во традицијата.

„Идентитетот е нешто што го носиме во нашата душа и срце, идентитетот е како ја чувствуваме нашата татковина, идентитетот е она како се грижиме за нашата традиција. На пример манастирите во Северна Македонија, на пример погачата, тавче-гравчето, пинџурот или полнетите пиперки“, вели Марта Кос.

Мицкоски очигледно не се согласи дека идентитетот е само во храната, туку и во историските личности кои се бореа за македонската држава.

„За мене мојот идентитет не е само прекрасната македонска кујна туку е и Гоце Делчев, Шапкарев и Миладиновци, Илинденското востание, Дамјан Груев, Јане Сандански и така натаму. Не знам дали ќе го споделат истото мислење колегите од Исток, но тоа се луѓето кои што се дел од нашиот идентитет“, вели Христијан Мицкоски.

Се очекува дека идниот самит на лидерите од Западен Балкан посветен на Планот за раст да се одржи наесен во Тирана.