Мицкоски од Пелинце: Нашата генерација има свој Илинден – да изградиме силна, праведна и просперитетна Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце порача дека секоја генерација има свој Илинден и своја историска задача, а денешната генерација има обврска да ја зачува Македонија силна, праведна и просперитетна, како држава во која младите ќе сакаат да останат и да ја градат својата иднина.

Во обраќањето по повод 2 Август – Денот на Републиката, Мицкоски истакна дека оддавањето почит на илинденците и асномците не е само потсетување на минатото, туку и проверка дали сегашните генерации се достојни наследници на нивната жртва.

„Историјата не бара да ги повторуваме нивните чекори, туку да ја покажеме истата храброст. Нашата борба денес е да ја направиме Македонија држава во која вреди да се живее, работи и создава“, нагласи премиерот.

Тој оцени дека историјата треба да биде темел за иднината, а не засолниште во минатото, додавајќи дека народ кој ја почитува својата историја и истовремено храбро ја создава својата иднина не може да биде запрен.

Мицкоски порача дека сегашната генерација води битка за враќање на довербата во институциите, достоинството на чесниот човек и надежта во општеството, оценувајќи дека тоа е клучно за иднината на државата.

Во говорот упати и остри критики кон политичките опоненти, обвинувајќи ги дека во минатото носеле одлуки кои, според него, биле на штета на националните интереси и придонеле за денешните предизвици.

„Никогаш нема да се откажам од борбата Македонија да биде подобро место за живеење. Нема да прифатам отстапки што се на штета на државата и народот, ниту ќе дозволам да се изгуби надежта за подобра иднина“, порача премиерот.

Тој ги повика граѓаните да останат обединети и да не подлегнуваат на, како што рече, песимизам и поделби, нагласувајќи дека најголемата задача на оваа генерација е да ја врати вербата во државата и да создаде услови за подобра иднина во Македонија.