Потребата од забрзување на европската интеграција на Западен Балкан и постигнување конкретни резултати се во фокусот на денешниот Самит на Берлинскиот процес, кој се одржува во Свети Стефан, Црна Гора. Премиерот Христијан Мицкоски очекува лидерите да испратат јасни пораки за европската перспектива на регионот, но и да понудат суштински решенија за надминување на пречките во процесот.
Пред почетокот на самитот, Мицкоски порача дека Македонија одамна ги исполнила очекувањата за да стане дел од Европската Унија, но дека почетокот на преговорите и натаму е блокиран поради, како што оцени, вештачки причини.
„Денеска очекувам многу силни пораки во однос на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ. Секако, тука ја вклучувам и мојата земја. Досието на Македонија е многу сложено. Одамна заслуживме да бидеме дел од ЕУ, но, за жал, поради одредени вештачки причини, сè уште не сме во можност да ги започнеме преговорите“, изјави Мицкоски.
Премиерот најави дека пред европските и регионалните лидери повторно ќе ја потврди определбата на Владата за спроведување на реформите и продолжување на евроинтеграцискиот процес.
Осврнувајќи се на меѓународните случувања, тој ги посочи војната во Украина, војната со Иран, нестабилноста на финансиските пазари и протестите низ Европа како дел од пошироките предизвици со кои се соочува меѓународната заедница.
Мицкоски изрази очекување дека средбата нема да заврши само со политички изјави, туку ќе донесе конкретни придвижувања и суштински дискусии за иднината на Западен Балкан и неговото приближување кон Европската Унија.
Самитот во Црна Гора го означува завршувањето на црногорското претседавање со Берлинскиот процес. Настанот треба да го отворат црногорскиот премиер Милојко Спајиќ и германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Во рамките на самитот е предвидена и пленарна сесија под наслов „Регионот во движење: Западен Балкан ја обликува заедничката иднина на Европа“.
Според најавите на германската влада, меѓу клучните теми на разговорите ќе бидат економскиот раст, конкурентноста и безбедноста. Црна Гора, пак, како дополнителен приоритет ја постави зелената и одржлива транзиција.
