Мицкоски: Пензиите зголемени за 7.000 денари, ветувањето надминато

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Зголемувањето на пензиите останува една од клучните социјални мерки на Владата, при што премиерот Христијан Мицкоски тврди дека ветеното не само што е исполнето, туку и надминато.

Тој истакна дека наместо првично најавените 5.000 денари линеарно зголемување, пензионерите добиле повисок износ од 7.000 денари.

Одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски нагласи дека оваа мерка директно влијае на подобрување на животниот стандард на највозрасната категорија граѓани.

„Кога бевме опозиција ветивме дека ќе направиме сè што можеме да обезбедиме линеарно зголемување од 5.000 денари за сите пензионери. Ние отидовме чекор понатаму и обезбедивме 7.000 денари линеарно зголемување“, изјави премиерот.

Тој додаде дека во домаќинствата каде што има двајца пензионери, тоа значи дополнителни 14.000 денари месечно, што, како што рече, придонесува за подостоинствен живот.

Мицкоски посочи и дека одлуката за линеарното зголемување на пензиите е предмет на оспорување пред Уставниот суд, при што обвини дека иницијативите потекнуваат од лица блиски до опозицијата.

„Порано пензиите се зголемуваа за 10, 15 или 20 денари, а сега со овие 7.000 денари по пензионер успеавме, колку-толку, да ги ублажиме предизвиците со кои се соочуваат“, додаде тој.