Мицкоски прифаќа нови идеи за Судскиот совет – Агелер го искоментира „мешањето во внатрешните работи на државата“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски ретерира од предизборното ветување за целосно распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Овој чекор назад од намерата следува по критиките од фелата, но и дел од амбасадорите, кои укажаа дека на ваков начин извршната се меша во судската власт.

„Еве кажете како… Тие експерти, сите коишто се против ова, нека кажат како, само да биде подобро. Спремни сме да разговараме, спремни сме да прифатиме.“, вели Христијан Мицкоски.

Според Мицкоски, неговиот предлог наишол на отпор од страна на оние на кои не им одговара промена.

„Што предложивме ние? Да ги распуштиме, да го смениме законот, ако е потребно и Уставот и на местото на овие што имаат рејтинг од 2%, самите обвинители и судии, не Владата, не Парламентот, не претседателот, самите обвинители и судии да си изберат свои претставници во овие две институции.“, порача Христијан Мицкоски.

Претходно евроамбасадорот Дејвид Гир, а делумно и американската амбасадорка Анџела Агелер го критикуваа ваквото решение на Мицкоски. Гир дури кажа и дека исполнувањето на ова ветување ќе претставува сериозна загриженост во Брисел и повика да се имплементираат препораките на европските експерти за реформи во Судскиот совет. Мицкоски на ова врати дека станало практика амбасадорите да се мешаат во внатрешните работи на државата. Ваквиот став на Мицкоски го искоментира и американската амбасадорката Агелер.

 „Се надевам не мислеше на мене…“, вели Анџела Агелер.

Агелер порача дека САД се најважниот стратешки партнер на Северна Македонија и нивната цел е да ја поддржат земјава, а не да и се мешаат во внатрешните работи.