Мицкоски: Се ќе биде познато идната недела – Касами: Засега сите позиции што ги имавме остануваат на Вреди

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Следната недела ќе бидат познати кадровските решенија по заминувањето на Алијанса за Албанците на Таравари од Владата. Вчера на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ членовите на партиското тело го овластиле премиерот Мицкоски да номинира нови имиња кои ќе ги заменат, како што истакнаа, оние кои отидоа во прегратките на Ахмети.

Мицкоски не сакаше да открие дали сите функционери од оваа партија заминуваат од власта или пак има некои кои што ќе решат да останат во Владата, ниту дали ресорите што ги имаше Таравари сега ќе припаднат на ВМРО-ДПМНЕ или ќе се поделат на ВРЕДИ.

„Во периодот кој што следи многу работи ќе бидат појасни, така што да бидеме трпеливи и да разговараме а во тие разговори, сигурен сум дека ќе постигнеме договор, така што очекувам еве веќе во текот на следната недела да има повеќе на оваа тема“, вели Христијан Мицкоски.

Нема преговори за можни рокади на позициите и се додека нема нова ситуација сите функции кои беа досега остануваат на ВРЕДИ, изјави Биљал Касами.

„Јас кажав дека како една можност ако од ВРЕДИ ќе има некоја друга комбинаторика за некој друг кадар што ќе биде поважен, ќе разговараме во влада за да има рокада, но во моментот не е разговарано. Министерствово за здравство останува кај ВРЕДИ, значи сите позиции што ги има остануваат кај ВРЕДИ, но секако, според новите околности после излегувањето на Арбен Таравари, сме спремни да разговараме за комбинаторики. Во моментот нема такви разговори“, вели Биљал Касами.

Во јавноста има шпекулации дека е можно актуелната министерка за образование Весна Јаневска да го преземе ресорот здравство, но таа ниту денеска не одговори конкретно и само рече дека тие одлуки ги носи премиерот Мицкоски.

„Јас ќе бидам таму каде што премиерот ќе одлучи дека државата има потреба од мене“, вели Весна Јаневска.

Од Алијанса за Албанците велат дека ги следат тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ за нивната партија и за Таравари и дека, како што велат, во овие тешки денови на Владата во неволја, не се изненадени од обвинувањата од власта кон нив.