Христијан Мицкоски деновиве ќе прави анализи со експерти за најавеното референдумско изјаснување односно како што вели да се прецизира прашањето на кое што граѓаните би го дале своето мислење дали го прифаќаат билатералниот протокол со Република Бугарија. Според него протоколот што вчера го потпиша министерот за надворешни работи Бујар Османи е дипломатска капитулација и нокаут.
„Кога ќе излеземе пред граѓаните со одредено барање, тоа да се темели на факти и правни, но и да немаме простор за дополнителни толкувања дека тоа би можело да биде сфатено така или да биде сфатено онака. Затоа во периодот кој што следи дополнително ќе го искористам да се консултирам со експерти од оваа област и од уставното право, има многу кои што се и околу мене но и тие кои што не е се околу мене за да јасно го дефинираме прашањето и јасно да ја дефинираме методологијата со која што ќе излеземе пред граѓаните“, вели Христијан Мицкоски.
Мицкоски најавата за референдум ја донесе откако во Собранието се гласаше за францускиот предлог, но и по вчерашното потпишување на билатералниот протокол меѓу Македонија и Бугарија. Но на што точно би се однесувал референдумот. Мицкоски не беше прецизен, вели дека предлог преговарачката рамка треба да претрпи измени.
„Ние бараме истата да претрпи измена во членот 5 алинеја 4 каде што таа сега ваква каква што е се повикува на билатералниот договор и протоколот кој што го потпиша Бујар Османи и протоколите кои што ќе ги потпише. Тука треба да ја бараме суштината на сето ова“, додава Христијан Мицкоски.
Од СДСМ велат дека не им е целосно јасно на што конкретно мисли Мицкоски кога вели дека ќе бара изјаснување на народот.
„Јас ќе поставам едно реторичко прашање, за што Мицкоски бара референдум? Пред неколку денови Собранието донесе заклучоци со кои се задолжува Владата, оваа и секоја идна, да во текот на преговорите со ЕУ нема да смее да преговара за македонскиот јазик, идентитет и историја, и дека билатералните прашања не се дел од преговарачката рамка. Дали ова им смета на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски?“, вели Ненад Коциќ.
За да биде организиран референдум Мицкоски претходно ќе мора да собере 150 илјади потписи како поддршка за граѓанско изјаснување.
