Премиерот Христијан Мицкоски денеска остварил билатерална средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, при што двајцата соговорници ја потврдиле посветеноста на натамошно зајакнување на партнерството меѓу Македонија и Турција.
Како што информираше Мицкоски преку социјалните мрежи, на средбата било истакнато задоволството од високото ниво на политички односи меѓу двете држави, кои се темелат на меѓусебна доверба, почит и долгогодишно пријателство.
Во фокусот на разговорите биле можностите за продлабочување на економската соработка, зголемување на трговската размена и привлекување нови турски инвестиции. Разгледани биле и перспективите за соработка во инфраструктурата, енергетиката, туризмот, образованието и одбраната.
Мицкоски ја нагласил улогата на Турција како важен економски и политички партнер на Македонија, потенцирајќи дека Владата останува посветена на создавање стабилни услови за инвестирање и отворање нови работни места.
Од своја страна, турскиот претседател Ердоган ја потврдил поддршката на Анкара за развојот и напредокот на Македонија, изразувајќи подготвеност за натамошно унапредување на билатералните односи во сите сфери од заеднички интерес.
На средбата биле разменети мислења и за актуелните регионални и глобални предизвици, при што била истакната важноста од стабилност, соработка и економски развој на регионот.
Двајцата соговорници изразиле уверување дека пријателските односи меѓу Македонија и Турција ќе продолжат да се развиваат со засилено темпо и во иднина.
