Мицкоски: Случајот може повторно да се отвори – „Не му е прв пат на Мицкоски да се заканува, не му се плашам“, вели Филипче

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Остри коментари и забелешки од премиерот Мицкоски на  одлуката на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал за запирање на постапката за набавката и изградбата на модуларните болници за време на Ковид кризата. За овој процес кој што трае 5 години живи гореа 14 луѓе , рече тој и додаде дека сепак и покрај тоа што предметот е затворен од Обвинителството предводено од Ислам Абази, тој може повторно да се отвори.  

-Ова не е политичка амнестија од страна на тој обвинител кон поранешните негови наредбодавци бидејќи секогаш можат да се појават нови детали кои што се поврзани со овој процес и секогаш овој процес може повторно да стане актуелен и да практично пред јавноста се покрене од самиот почеток. Она кое што мене ме збунува а стига како порака од опозицијата е до вчера што тие што критикуваа за односот на правосудните органи сега ги фалат, вели премиерот Мицкоски.

Претседателот на СДСМ Венко Филипче кој тогаш беше министер за здравство, рече дека за она што се случи во тетовската модуларна болница тој си поднел оставка од морални причини. Одлуката е донесена исправно вели тој и затоа ВМРО-ДПМНЕ треба да им се извини на семејствата. Во однос на обвинувањата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека обвинителот Абази го заштитил со неговата одлука, но и најавата дека е можно процесот повторно да биде отворен Филипче вели дека не е изненаден. 

-Јасно кажа Обвинителството нема злоупотреба на службената должност и нема штета на буџетот и тоа го отсликува целокупното мое работење секаде, дали на Клиника во интерес на пациентите некорумпирано, така и во рамките на другите функции кои што сум ги имал. Не му е прв пат на Христијан да се заканува. Тоа му е во неговото однесување и го разбирам затоа што кога човек нема резултати од тоа што го прави, кога е целосно неспособен да ги менаџира проблемите во државата се што му останува е да се заканува со судови со обвинителство и така натаму. Јас од ништо не стравувам. Еве ова е вистината тоа што  вчера го кажа Обвинителството, вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче. 

Предметот со јавните набавки за изградба на 19 модуларни болници во земјава беше отворена на 10 септември 2021 година два дена по трагедијата во која загинаа 14 лица. Случајот првично го водеше поранешната обвинителка Вилма Русковска, потоа Елизабета Јосифовска додека во завршна фаза предметната обвинителка Верица Бержецка Крстева. Ислам Абази  кој е на чело на Обвинителството за организиран криминал наскоро го завршува мандатот и изјави дека нема намера да се кандидира за втор мандат.