Мицкоски со порака за единство: Сите тука се радуваме и тагуваме, нашата сила е во различностите што нè обединуваат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за ТВ21 испрати порака за единство. Тој нагласи дека сите заедно се радуваме и тагуваме, и дека силата е во различностите кои обединуваат.

„Сакаме Македонија во која единството нема постојано да се нагласува со зборови, туку ќе биде природна и подразбирлива вредност. Македонија во која сите граѓани ќе ја сакаат и почитуваат својата заедничка татковина, независно од нивната културна, етничка или верска припадност.

Нашата земја е богата токму поради својата разновидност. Различните култури, етнички заедници и верски традиции претставуваат богатство што нè прави посилни и поединствени. Во таква Македонија, секој човек ќе се чувствува еднакво поврзан со својата татковина и еднакво одговорен за нејзината иднина.

Ова е земјата во која живееме, создаваме, се радуваме и ги споделуваме животните предизвици. Тука ги градиме нашите семејства, нашите спомени и нашите соништа. За повеќето од нас, ова е местото каде што започнува и се одвива нашиот животен пат.

Затоа, Македонија треба да биде дом во кој сите ќе се чувствуваат прифатени, почитувани и обединети околу заедничките вредности, визија и љубов кон татковината.“, нагласи Мицкоски.