Снајперските тимови на „Тигар“ со значаен успех на меѓународниот натпревар „БОРАН 8“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Македонските специјалци од САЕ „Тигар“ се пласираа на деветтото место на меѓународниот натпревар во снајперско гаѓање „БОРАН 8“, одржан во Турција, на кој учествуваа 48 тимови од 22 држави. Покрај високиот пласман, тимот доби признание и за фер-плеј, со што уште еднаш ја потврди својата професионалност на меѓународната сцена.

Во силна конкуренција со специјални единици од повеќе земји, припадниците на „Тигар“ покажаа високо ниво на подготвеност и вештини. Првите седум места ги освоија тимови од Турција, додека осмото место му припадна на тим од Азербејџан.

Особено добри резултати македонските претставници постигнаа во дисциплината пиштолско гаѓање, во која освоија вкупно 2.098 поени. Овој резултат е значително над просекот на натпреварувањето, кој изнесувал 1.173 поени.

Покрај резултатите во натпреварувачките дисциплини, тимот на САЕ „Тигар“ беше избран меѓу трите најдобри екипи во категоријата „фер-плеј“, како признание за професионалниот однос, спортскиот дух и коректноста кон останатите учесници.

Со освоеното деветто место и признанието за фер-плеј, припадниците на специјалната антитерористичка единица достоинствено ја претставија Македонија на престижниот меѓународен натпревар во Турција.