Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска оствари средба со претседателот на државата, Стево Пендаровски.
По средбата, тој истакна дека се разговарало за политичката и економската состојба во Македонија, како и за упадот во Собранието на 27 април 2017 година.
„Наидов на разбирање од претседателот Пендаровски, она кое што е реалност поврзано со настаните од 27-ми април е тоа што основното човеково и уставно загарантирано право на жалба и второстепена судска одлука на лицата кои што се осудени, во моментот е завршена и за жал најголем дел од нив ја немаат добиено одлуката за да можат да искористат вонреден правен лек и врз основа на новите информации кои ги имаат адвокатските тимови, да го достават до Врховниот суд или до Европскиот суд до човекови права“, вели Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека тоа што го бара не е милост или амнестија, туку правда преку дополнителни докази кои одбраната на овие лица не можат да ги достават до Врховниот суд или до Европскиот суд до човекови права
„Не постои основа овие луѓе да бидат обвинети за терористичко однесување или напад на уставниот поредок на државата“, порача Мицкоски.
